„Залудни се обидите и лагите на ВМРО-ДПМНЕ и министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, да ја убедат јавноста дека видеоснимката е стара и дека нивниот шеф Мицкоски не ги почитува мерките за спречување на ширење на коронавирусот.Иако датумот кога е направена видеоснимката сè уште не е утврден од страна на полицијата, Чулев ја затвори истрагата и побрза случајот да го објави во јавноста“, соопшти СДСМ.

Според партијата, утврдување на датумот на видеоснимката е клучно за да се утврди дали Мицкоски, во придружба на командантот на единицата „Тигри“ и уште еден полициски работник, посетувал фитнес-сала во време кога на сила се забраните против коронавирусот.

„Но, и оваа груба лага не го покрива неодговорното и арогантно однесување на Мицкоски. Граѓаните не забораваат дека и претходно, исто во период на забрана за работа на фитнес-салите, во медиумите се појави фотографија како Мицкоски со спортска торба излегува од фитнес-центар, а потоа призна дека бил во посета, но само да ја земе торбата која му останала таму. И овој случај е завршена приказна за Чулев, без да ја извести јавноста што навистина барал Мицкоски таму.

Последниот случај со видеоснимката на Мицкоски и на командантот на „Тигрите“, Бисовски, е класичен пример како министерот пред време се става во заштита на Мицкоски. Злоупотребата на Чулев и Мицкоски на клучна институција за лични и партиски интереси е класична одлика на однесување на ВМРО-ДПМНЕ и е неприфатливо.Скандалозно е во ситуација во која полицијата нема утврдено од кога потекнува снимката, министерот да носи заклучоци кои се штетни за правната држава и за владеење на правото. СДСМ, граѓаните, јавноста, нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ повторно да го претвори МВР во МВРО-ВМРО“, се вели во соопштението.

извор: Makfax