Се очекува дека претседателот Пендаровски нема да донесе трета одлука за вонредна состојба затоа што надлежните почнаа да ги разлабавуваат строгите мерки за социјална дистанца и полицискиот час и почна да се зборува за постепено враќање на секојдневието, отворање на училиштата и рестораните итн.

Предвремените парламентарни избори најверојатно ќе се одржат на 28 јуни, дознава неофицијално Слободен печат,  медиум близок на СДСМ од извори во владејачката партија. Деновиве наголемо се лицитираат можни датуми за гласањето и се споменуваат крајот на јуни или почетокот на јули, иако за двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ официјално за избори е рано, а во моментов најважен приоритет е здравјето на граѓаните, кое е под закана од пандемијата со коронавирус.

Дополнително, партијата Левица ја оспори пред Уставниот суд втората одлука на Пендаровски за прогласување на вонредната состојба, а самиот претседател, свесен дека Уставот има недостаток, при второто прогласување истакна дека „ја презема одговорноста за да го заштити здравјето на граѓаните, на кои им е јасна логиката и оправданоста на ваквите мерки, но тие ќе траат во разумен период, бидејќи ќе предизвикаат проблеми на подолг рок“. Пендаровски тогаш рече и дека треба да се дефинира план за постепено фазно враќање во нормала, „бидејќи ќе мора да научиме да живееме со вирусот на подолг рок“.

Ако на 16 мај не биде повторно прогласена вонредна состојба, се очекува Владата да донесе нова уредба за изборниот процес, кој беше „замрзнат“ со уредбата од 22 март, кога Владата ги прекина сите дотогашни изборни дејства. Тоа го очекува и Државната изборна комисија, која во заклучокот за прекинување на изборните дејства наведува дека „сите дотогашни активности се сметаат за важечки, а преостанатите дејства ќе бидат предвидени во ревидираниот роковник што ДИК ќе го донесе веднаш по укинувањето на вонредната состојба и донесувањето нова владина Уредба за изборниот процес“.