„ВМРО-ДПМНЕ досега имаше можност да учествува во процесот на донесување на Законот за употреба на јазиците, но наместо тоа опозициската партија одбра да не учествува по сопствен избор. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотира реформските процеси во Собранието, коишто се во интерес на граѓаните, со што останува заробена во политиките на поделби, изолации и деструкции коишто со години ги промовира“, се вели во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, најавата дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во Собранието само за дебата за еден закон, јасно покажува дека опозициската партија е незаинтересирана за интересите и потребите на граѓаните. „Оттука јасно е дека потегот на ВМРО-ДПМНЕ не е поврзан со интересот на граѓаните или со подобрување на животот на граѓаните, туку исклучиво станува збор за провидна, ситна политикантска игра.Ваквите политики на подгревање поделби и раздор одамна се препознаени и поразени од мнозинството граѓани на Република Македонија“, велат од СДСМ.

Според нив, Законот за употреба на јазиците е во согласност со Уставот и со него се унапредува употребата на сите јазици на немнозинските заедници во земјава. Со ништо не се доведува во прашање унитарниот карактер на Македонија, а употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и понатаму остануваат единствени официјални службен јазик и писмо на територија на Република Македонија, во нејзините меѓународни односи, одбраната, монетарната политика и централната полиција.

Секој исчекор кон градењето на едно општество за сите, концепт во кој СДСМ силно верува и којшто доби сериозна поддршка од граѓаните на последните неколку изборни циклуси, е во интерес на сите граѓани и на Република Македонија, соопшти владејачката партија.

извор: Makfax