Судските постапки и доказите ќе одредат дали и кој е инволвиран во насилството за 27 април, а не Иванов, реагираат од СДСМ, по јавното обраќање на претседателот Горге Иванов, кој негираше каква била вмешаност во настаните. Од партијата велат дека Иванов претходно излажал, затоа што вечерва признал дека член на неговиот кабинет на 27 април бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ од каде што, како што тврдат дел од обвинетите за упадот во Собранието, биле управувани насилниците.

„Согласно доказите и транспарентната судска постапка, надлежните судски органи ќе одредат дали и кој бил инволвиран во насилството на 27 април, а не Ѓорге Иванов. Колку е несериозен и неодговорен Иванов покажа и денеска. Од една страна тврди дека исказите во судската постапка за насилството од 27 април се невистинити, а од друга ги потврдува, конкретно, Иванов потврди дека член од неговиот кабинет, Борис Јосифовски, бил во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ тој ден“, велат од СДСМ.

Од таму додаваат дека Иванов потврдил и дека Миле Јанакиевски и Владимир Пешевски биле кај него со иницијатива поврзана со помирувањето.

„Останува фактот дека Иванов е со целосно нарушен кредибилитет, со крајно неодговорна, негативна и сомнителна улога во општеството. Иванов заговараше општа амнестија за криминалот и неказнивост, тој е срам за граѓаните и државата, неодговорен кон иднината а особено кон интеграциите, кон членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Ѓорѓе Иванов потроши два мандати а ниту еднаш не излезе во јавноста за некое клучно, и важно прашање за граѓаните, за државата, освен за потребите на Никола Груевски“, велат од СДСМ.

извор: Makfax