Во согласност со Договорот од Пржино, пратениците од СДСМ се вратија на своите работни места во Собранието. Но, уште не влезени внатре, лидерот на најголемата опозициска партија наместо да најави како ќе делува пратеничката група и на што ќе се фокусира во наредниот период, почна да најавува дека ќе ја оспори важноста на Договорот од Пржино. Пратениците од СДСМ не учествуваа во работата на Собранието, откако по завршувањето на парламентарните избори во април лани, претседателот на партијата Зоран Заев објави дека не ги признава изборните резултати.

– Прва обврска од договорот е специјален обвинител да се избере до 15 септември. Ова мора да се реализира. Во спротивно договорот нема да биде валиден, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес конференцијата што се одржа пред Собранието, а со која беше одбележано враќањето на опозицијата во Парламентот.

Ако до 15 септември не се избере специјалниот обвинител, дали повторно опозицијата ќе излезе од парламентот, Заев рече дека во таков случај ќе биде донесена одлука, која јавно ќе биде соопштена, но сите опции се отворени.

Но освен бегањето од она што беше договорено на 15 јули, Заев како што претходно објавивме, се обидува да избега од изборите кои што ќе се организираат во согласност со Договорот од Пржино, свесен дека во април следната година ќе се соочи со уште еден изборен пораз. На прашањето дали СДСМ ќе учествува на парламентарните избори наредната година, Заев рече дека доколку договорот не биде испочитуван тие нема да учествуваат на изборите.

Според протоколот кон договорот од 2 јуни, што на 15 јули го потпишаа лидерите на четирите најголеми политички партии, две недели по враќањето на опозицијата во Собранието, односно до 15 овој месец треба да биде избран нов специјален обвинител со целосна автономија да ја води истрагата за случаите „Прислушување” и „Пуч”. Специјалниот обвинител се именува преку договор на партиите потписници.

Покрај враќањето на опозицијата во Собранието и именувањето на специјален обвинител, со договорот од Пржино се предвидува на 20 октомври годинава, да бидат именувани нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика по предлог на СДСМ. Во тие министерства истовремено ќе бидат именувани нови дополнителни заменици министри на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Заменици министри, по предлог на СДСМ, пак, ќе бидат именувани во министерствата за финансии, за земјоделство, шумарство и водостопанство, и за информатичко општество и администрација. Тие заменици-министри ќе имаат полно право на преглед и вето во соодветните министерства по сите правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организацијата на изборите. Вчера попладнето се одржа координација во Собранието, а според најавите се очекуваше да ги повлечат оставките кои ги поднесоа во мај минатата година.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМЕ го поздрави враќањето на опозицијата, и потсетија дека за овие 15 месеци, додека опозицијата бојкотираше во Собранието се донесоа низа значајни закони.

-Пратениците имаат обврска која сами ја побарале, за која сами се кандидирале, да бидат присутни овде во Собранието, да дискутираат, да прашуваат, да одлучуваат. Секоја друга постапка, секој бојкот, уцена, деструктивно однесување, секоја блокада води единствено на штета на државата и на нејзините граѓани, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

Според него оправдувањето за неработа, за незаинтересираност, за неодговорност нема и не е возможно да има. Но, посочи, секоја партија и секој поединец пратеник одлучува за себе и треба да е спремен да ја понесе одговорноста. За неа ќе одлучуваат граѓаните за само осум месеци, изјави координаторот на пратеничката група.

Додека пратениците од СДСМ не работеа, истакна Димовски, во Собранието се донесоа низа значајни закони и одлуки кои се од директен интерес на граѓаните.

– Нема да дозволиме Собранието да биде орган кој ќе се занимава само и единствено со интересите на СДСМ или која било друга политичка партија. Нивните пратеници имаат обврска да бидат овде, да ја одработуваат својата плата, а не да бидат дел од сценарио за заштита на кариерата на одамна пропаднати политичари, рече Димовски. Додаде дека пратениците се избрани врз база на волјата и одлуката на мнозинството граѓани, и оти тие имаат намера да работат на исполнување на програмата за која се избрани и во интерес на граѓаните.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека пратениците од СДСМ јавно барале оставка, а тајно барале да не им се прифатат поднесените оставки.

Запрашан за носење на закон за специјален обвинител, Димовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да носи одлуки кои се во согласност со Уставот на Република Македонија.

– Ние не се плашиме од работата на идниот специјален обвинител, но мислам дека во оваа држава има многу други луѓе кои ги видовме на дело кои треба да се плашат од постапување на институциите. Пратениците се спремни да носат одлуки согласно Уставот, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски, и уште неколку пратеници се осврнаа и на низата закони кои се донесоа во изминатиот период, а кои се во полза на граѓаните.

Законите за прекршоци, за социјална заштита, проектот Македонија вработува, за вработување и осигурување во случај на невработеност, за трансформација на работниот однос, со законот за гаранција со кој Македонија набави нови и современи возови после 35 години, законот за детска заштита, законот за здравствена заштита, направена е реконструкција на многу патишта се само дел од законските решенија кои им овозможија подобар живот на граѓаните.

Груевски: Опозициските пратеници да си ја заработат платата

Петнаесет месеци земаа плата без да работат. Нема во Македонија човек што тоа може да го добие, изјави премиерот Никола Груевски, запрашан да го коментира враќањето на опозицијата во Парламентот.

– Петнаесет месеци земаа плата без да работат. Доста беше. Нема во Македонија човек што тоа може да го добие. Доста беше. Нека почнат да си ја заработуваат платата, рече премиерот Груевски, кој денеска присуствуваше на пуштање во употреба на нова зграда на ОУ “Живко Брајковски” во Општина Бутел.

 Брисел го потсетува СДСМ на обврските од договорот од Пржино

Не е вообичаена практика на Европската комисија да ги коментира изјавите дадени од страна на поединци, одговорија од Европската комисија на прашањето на Вечер дали лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, ги информирал дека доколку во определениот рок не се назначи специјален обвинител, договорот од Пржино нема да важи за неговата партија.

– Расправата за ова прашање е во тек и Европската комисија очекува страните да продолжат со имплементирање на нивните обврски. Еврокомесарот Хан одблиску ги следи случувањата во земјата и очекува значителен напредок во следните неколку дена, во согласност со договорената временска рамка, вели портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.