Смртноста од Ковид-19 значително се намали со доаѓањето на потоплите денови, покажа студијата на меѓународната група на научници направена во осум европски и 15 кинески болници.

Хрватскиот микробиолог, професор Гордан Лауц, еден од членовите на групата од 51 научник, вели дека тоа е голема студија која го покажува сезонскиот ефект на вирусот САРС-КоВ-2, во која биле опфатени 6.914 пациенти хоспитализирани поради коронавирус и 37.187 лица кои самостојно пријавувале симптоми на корона во Велика Британија.

„Се следи индивидуалниот тек на болеста на 6.914 хоспитализирани пациенти. Во сите болници е забележано дека смртноста е значително намалена. Постојат неколку можни објаснувања за тоа, но истражувањата сугерираат дека најверојатно објаснување е промена на температурата, односно доаѓање на пролетта“, вели Лауц и потенцира дека вирусот не е променет, туку ефектот кој е резултат на последиците од условите во кои вирусот влијае на луѓето.

Според него, се чини дека престанокот на загревањето ја намали сериозноста на симптомите во цела Европа, но тоа, за жал, значи дека вирусот всушност не е променет.

Затоа, посочува тој, на почетокот на сезоната на греење би можеле повторно да имаме потешки форми на заболување, рече Лауц за загрепски „Вечерњи лист“.

Како што изјави на својата фејсбук-страница, во моментот има помалку смртни случаи во повеќето делови на светот, а бројот на тешки случаи е намален, но сè уште не е јасно дали намалениот број на тешки случаи е последица на сезоната или на намалениот број инфекции поради социјално дистанцирање.

Лауц исто така вели дека покрај тоа што влијае на преносот на вирусот, топлото време може да влијае и на способноста на луѓето да се борат со вирусот и со тоа да го спречат развојот на тешка болест.

Иако во моментов тоа се добри вести, посочува Лауц, тоа, за жал, значи дека со враќањето на зимата би можел повторно да настапи потежок „зимски“ Ковид-19.

извор: Makfax