Светскиот банкарски капитал, со години ја заобиколува Македонија. Додека речиси сите транзициони економии од нашето соседство можат да се пофалат со светските брендови како што се Дојче банк, Сосиете Женерал, Рајфајзен, Банк Аустрија Кредит Аншталт, Дрезден банк, Сити банк, во нашава земја од овие брендови ја нема ни буквата “Б”. Според официјалните податоци од вкупно 20 банки во земјава само осум се во сопственост на странски акционери. Овие банки учествуваат со над 50,1 отсто во вкупниот капитал на ниво на цел банкарски систем и со над 50 отсто од вкупната актива. Од овие осум банки, четири се подружници на странски банки и тоа: Стопанска банка од Скопје на Национална банка на Грција, НЛБ-Тутунска банка на Нова Љубљанска банка од Словенија, Алфа банка на атинската Алфа банка и Зираат банкаси, која е подружница на турската истоимена банка. Грчките банки држат 40 проценти од банкарскиот сектор во Македонија, а Грција е на прво место меѓу странските инвеститори во банкарството, јави викендов грчката новинска агенција АНА-МПА. Според грчките медиуми, НБГ купи 71,20 проценти од акциите на Стопанска банка Скопје, а инвестициите на грчката банка изнесуваат околу 140 милиони евра. Банката располага со мрежа од 40 свои филијали во целата земја. Алфа банка ја закупи македонската Кредитна банка и во моментов има три филијали во Скопје и по една во Тетово, Струмица, Битола и Гевгелија. Инвестицијата на оваа грчка банка изнесува 25 милиони евра. До неодамна големи надежи се полагаа на влезот на холандската финансиска групација ИНГ во Поштенска банка. Но, кога и акционерите и Владата беа сосема убедени дека конечно и Македонија ќе може да се пофали со едно вакво банкарско име, дилот со холанѓаните пропадна. Тие по една година интензивни преговори, се откажаа од влезот на нашиот банкарски систем со образложение дека Македонија за нив не е атрактивна за вложување. Пред неколку месеци беа многу гласни и шпекулациите дека германската Дојче банк би можела да влезе со капитал во Комерцијална банка, но сега засега не е познато кој од заинтересираните пет светски банки ќе го добие приматот на доминантен сосптвеник на оваа наша најголема банка. Епилогот од продажбата на доминантниот пакет акции се очекува кон крајот на годинава, најави деновиве менаџментот на Комерцијална. Повеќе од јасно, велат банкарите е дека само преку пробивање на здрави и моќни странски банки во нашиот банкарски систем, ќе се отворат поголеми шанси за намалување на високите камати во земјава, кои се три пати повисоки од оние во развиените европски држави. Стапките во земјите-членки на Европската унија во просек изнесуваат околу 3,8 отсто. Вакви ниски камати користат и Словенците, од околу два до три проценти, Хрватите 3,9 отсто, Грците 4 проценти, а Бугарите меѓу 5 и 6 отсто. За разлика од нив, македонските компании и население мака мачат со високите камати кои во просек изнесуваат околу 12 отсто. Нивното снижување е една од малкуте шанси за заживување на економската активност. Европската банка за обнова и развој лани на адреса на нашите власти упати сериозни забелешки дека на Македонија и недостигаат поголем број странски банки, кои ќе внесат здрава конкуренција во нејзиниот банкарски сектор и ќе го подобрат квалитетот на банкарските услуги.


Весна М. БОЖИНОВСКА