Фаворитот за освојување на трофејот на Купот на конфедерациите, светскиот првак Бразил во првото коло од групата “Б” ќе се сретне со европскиот шампион Грција. Натпреварот ќе се одигра на исполнетиот до последно место “Централстадион” во Лајпциг (продадени се сите 44.000 влезници) со почеток во 20,45 часот. По поразот од Аргентина (3:1) во квалификациите за СП 2006 во Јужноамериканската зона, селекторот на Бразил Карлос Переира на играчите им постави нова цел, освојување на Купот на конфедерациите. Затоа, во Германија на располагање го има најдобриот состав, со исклучок на уморните Кафу, Р. Карлос, Роналдо и повредениот Балети. – Заедно со домаќинот Германија и Аргентина,ние сме најголеми фаворити за освојување на титулата, но тоа треба да го покажеме и на теренот. Имаме силен тим со квалитетни поединци и наша цел е победа на секој нареден меч, изјави Переира, чиј тренинг во Леверкузен го проследија преку 10.000 гледачи. Грција без повредените Делас, Капсис, Вризас, но предводени од капитенот Загоракис, кој доби зелено светло за настап од Болоња, ќе се обиде да им парира на “кариоките”. Во предигра на овој натпревар, од истата група, во Хановер (18 ч.), ќе се сретнат Јапонија и Мексико.