Свежо цеден џус или смути?
Свежо цедените сокови се идеални кога ни е паднат имунитетот или кога сме болни. Бидејќи можеме да испиеме повеќе сок, отколку што можеме да изедеме овошје, витамините и нутритивните состојки можат да ни помогнат да го подобриме имунитетот. Тие се супер за детоксикација и за освежување во текот на денот, но треба да се има на ум дека најдобро е да се испијат додека се свежи, односно најкасно 30 минути откако се направени.
Хранливите влакна се многу важен елемент од плодовите, па токму затоа треба да се погрижите да имате добар соковник, кој до максимум ги искористува сите позитивни состојки од овошјето.
Сок или смути
Повеќето центрифугални соковници создаваат топлина и ослободуваат кислород со што доаѓа до губење на дел од ензимите и хранливите состојки во џусот.
Со блендирањето на овошјето и зеленчукот, хранливите влакна се разложуваат, што му помага на организмот полека да ги обработува и да не доаѓа до нагло покачување на шеќерот во крвта. Покрај тоа, влакната придонесуваат побрзо да се исфрлат токсините од организмот и ги одржуваат цревата чисти. Смутињата заситуваат и се идеални за појадок или ужина. Во динамичниот свет во кој живееме, смутињата се и тоа како одличен начин да имате здрав оброк или ужина полни со витамини, кои ќе ви ја вратат енергијата во текот на денот.