Санадер: Ако е точно, одиме по Кадиевиќ
Хрватскиот премиер Иво Санадер изјави дека сите оние кои на каков било начин биле вклучени во агресијата врз Хрватска, мораат да бидат изведени пред лицето на правдата, пренесува МИА. Коментирајќи ја информацијата дека генералот на поранешната ЈНА Вељко Кадиевиќ, против кој вуковарскиот Жупаниски суд побарал распишување меѓународна потерница, живее на Флорида и работи како советник на американската војска во Ирак, Санадер рече дека таквите податоци се проверуваат. Доколку се утврдат како точни, хрватското МВР би можело да распише меѓународна потерница.
Против Кадиевиќ и уште девет лица Жупанискиот суд во Вуковар во март 2004 примил обвинение за воени злосторства извршени против цивилното население, додека во 2000 година Жупанискиот суд во Осијек распиша домашна потерница по Кадиевиќ.