На 16 септември, со средбите од последното шесто коло и официјално завршуваат квалификациските средби за настап на Европското првенство во Шпанија идната година, што ќе се одигра од 3 до 16 септември. Засега, сигурни патници се привилегираните репрезентации, учесниците на неодамна завршеното Светско првенство во Јапонија: Франција, Германија, Грција, Литванија, Италија, Србија, Словенија, Турција и домаќинот, актуелниот победник на Мундобаскетот, Шпанија. Преостанатите седум места ќе ги пополнат селекциите кои ќе покажат најдобри резултати во квалификацискиот циклус што е во тек.
Од поодамна утврдената шема на ФИБА Европа, предвидува првопласираните од четирите квалификациски групи, како и двете најдобро второпласирани репрезентации, исто така да го визираат настапот на шпанскиот, кошаркарски самит. За последното празно место ќе играат оние селекции (вкупно 10) кои ќе покажат најмалку во овој квалификациски циклус за ЕП . Предвидено е десетте селекции да бидат поделени во две групи од по три, како и една од четири селекции, кои по систем на елиминација ќе играат на неутрален терен. Во втората, дополнителна квалификациска фаза ќе останат шест селекции кои повторно ќе бидат поделени во две нови групи, а прваците ќе разигруваат за единственото празно место, за завршниот турнир во Шпанија.
Ждрепката на екипите во четирите групи, од по четири селекции, за завршниот турнир во Шпанија, ќе се изврши на почетокот на идната година во Мадрид. Во првата фаза на Евробаскетот натпреварите ќе се играат по принципот секој со секогоè во групата, а домаќини се градовите Палма де Мајорка (салата има капацитет од 5.000 седишта), Аликанте (5.425), Гранада (7.322) и Севиља (7.600), а финалните борби во Мадрид (14.000).

Славчо ТРОШАНОВСКИ