Само мултикултурна личност е добра за себеси и за другите
Лилја Тофиловска, дипломиран педагог, е личност која својата релација на живеење Швајцарија – Македонија ја подредува на работи корисни за себе си и за луѓето околу неа. Перфектно зборува француски, германски, италијански, англиски, албански и малку шпански. Живее во близина на Нојшателското Езеро, во убава куќа со голема градина и тераса. Таа, како редовен читател на нашиот весник, со големо задоволство ни ги открива своите размислувања, токму, онака, незадолжително.
Шар Планина – Сахара – Амазон
Најпрво Би сакала да прашам, на кој начин е организирана задницата на Македонците во местото каде што Ти живееш?
-Македонските семејства се дружат на сите манифестации и средби и често има и концерти на наши пејачи. Притоа сум мошне задоволна што на тие собири доаѓаат и припадници со други етноси, кои семејно или пријателски се поврзани со Македонците. Но, тоа не е важно, вели, важно е дружењето.
Дали тој принцип или модел на меѓусебно почитување може да се пренесе и кај нас?
-Јас гарантирам – “да”. Јас, на каква било манифестација да учествувам, гледам секогаш да ја направам успешна затоа што, во принцип, кога има повеќе измешани луѓе се вади најубавото од нив.
Освен етничката припадност, понекогаш религиите знаат да ги закочат работите?
– Факт е дека за да успееме на поширок план религијата треба да ја одвоиме од државата. Државата треба да биде еднаква за сите, а религијата секој човек нека си ја носи во срцето и душата. Духот на човекот се збогатува со читање и дружење со луѓето, не само со посета на религиозни институции и со лажни ветувања дека се ќе биде убаво. Јас така мислам.
Потекнуваш од Палчишта, Тетовско. Таму сте единствената фамилија Македонци, а одлично го владееш и албанскиот јазик.
-Не беше пресудно тоа, мислам голем фактор беше што ние сме воспитувани со повеќејазична култура. Љубовта кон книгата и кон литературата воопшто кај нас дома е доминантна, и мене, моите сестри и братот, родителите не воспитувале да сме мултикултурни секаде каде се движиме, со тоа што таа култура си ја обогатуваме каде и да одиме, со кого и да седнеме и да се сретнеме. Мене сеедно ми е каде се наоѓам, би можела да живеам и во пустина во Сахара и во Амазон и на Шар Планина и во центарот на Скопје, секаде си го имам и си го почитувам истото мислење – да се адаптирам на луѓето, кои и да се.
Приказните за Итар Пејо
Голем вљубеник си во литературата и сигурно затоа во библиотеката Библиомонд во Нојшател отвори македонски оддел.
-Бирото за странци во Нојшател е прилично активно, а во негови рамки јас сум активна за подобро интрегрирање на странците во Швајцарија. Во таа библиотека водам свое катче со македонска литература. Минатата година, правевме мултикултурна манифестација и јас и мојата пријателка Гордана од Радовиш ги одглумивме приказните за Итар Пејо, на француски и на македонски јазик. Присутните се изнасмеаја. Неодамна беше единствената Македонка, која присуствуваше на семинарот што го организира Министерството за надворешни работи на Швајцарија, одделот за развој на странците.
-Повод беше жената како најголем фактор на меѓунационално движење, жената како бегалка и како еден фактор за потрага по подобар живот. Бевме преку 150 жени од цела Швајцарија и заедно со министерката за развој и интеграција на странците ја разгледувавме позицијата на обичната домаќинка на која не и се пружа власт. Има дискримимација во работниот однос и во личниот приход на релација маж – жена. Традиција, насекаде во светот, ја омаловажува жената на некој план, а ако жената сама не се побуни нема да има одговор ни од државните институции за да и го дадат нејзиното право. Секоја од тие 150 семинаристки има за задача да продолжи со запознавање на другите жени и нивните права. Но, јас и пред тоа доброволно се ангажирав во проекти за нас странците во Швајцарија. Мислам дека е ред и треба секој странец да го научи јазикот во државата во која е, за да може добро да комуницира и да ги разбира административните писма најпрво. Никому не би пречело да се дошколува. Кај дел од нашите има такви предрасуди и некако тоа не ми се допаѓа. Мене ми е мило ако слушнам дека некој се дообразувал и повеќе е запознаен со животот во земјата каде се наоѓа, иако сме ние таму “гости”.
Т’га за југ
Каква работа работиш во Швајцарија?
-Поминав низ многу сектори – хотелиерство, ресторанство, сега сум комерцијалист во позната фирма. Но, за среќа, многуте дополнителни соработки во професијата ми овозможуваат на секои два месеца, а некогаш и почесто до си доаѓам дома. Тоа е доволно да ја заситиш својата глад за стариот крај, што значи годишните одмори ги поминуваш на друго место?
-Мојата маршрута или почнува или завршува во Македонија. Сакам да видам како живеат и другите во Европа, но за жал со македонскиот пасош не можеме да одиме каде што сакаме. Би требало да има некој вид европеизација и за нас луѓето од Македонија за да не бидеме на така лош глас кај западните земји и да ни овозможат да патуваме и без Шенген визи. За жал, малверзациите од страна на некои луѓе со македонски пасоши, го урнаа општиот углед на земјата. Јас еве по 20 години дури сега подавам документи за швајцарски пасош.
Кога сите позитивни и негативни страни ќе се соберат на една листа – каде е полесено да се живее?
– Сеедно ми е каде сум, веќе реков. Секогаш прво кога ќе се разбудам, си велам колку убав ден, без оглед дали врне или сонце грее. Често слушам дека сите луѓе кои имаат некакви проблеми сакаат да патуваат некаде. Мислам дека каде и да патуваме сите проблеми си ги носиме в глава и прво таму треба да ги решиме. Не треба да се патува за да се излезе од проблемите, да се патува треба заради тоа што сакаме да се запознаме, да се дружиме и да собереме мултикултурни искуства. Но, сите треба да сфатиме дека ништо не паѓа од небо ако секој човек сам не се потруди да си направи да му биде убаво. Секој човек е одговорен за својата судбина, било каде и да е во светот. Неодамна еден угледен Швајцарец ми рече: “Јас мислам луѓето од Балканот шетаат по пари, но толку се мрзливи што не можат да се наведнат и да ги соберат од тоа што се задоени со некои мисли дека се паѓа од небо, а не гледаат дека парите всушност одат по нив”.
Што мислите, има ли вистина во ова!? И, што најчесто им носиш на пријателите, како подарок од овде?
-Им носам книга на македонски јазик и вино “Т’га за југ”.
Валентина Ѓоргиевска