Само десетина компании со ХАСАП-системот
Од први јануари фирмите во земјава што се занимаваат со прехранбена дејност нема да можат да извезуваат во земјите од ЕУ, ако го немаат воведено ХАСАП-системот за добра храна. Овој систем подразбира контрола на критични точки во едно претпријатие, но практично е гаранција дека компаниите произведуваат прехранбени производи што се безбедни за исхрана на луѓето. Во земјава околу 30.000 фирми се занимаваат со прехранбена дејност, а засега само десетина го имаат воведено овој систем. Тоа се претежно големите компании како “Европа”, “Битолската млекара”, “Пилко”, месарницата “Мега””Витаминка”, “Свис лион”, “Макпрогрес” и други, на кои и не им претставува поголема финансиска тешкотија да го имаат ХАСАП-от, бидејќи и досега инвестирале во подобрувањето на квалитетот на производството и “бркале” некои стандарди. Помалите прехранбени фирми, пак, ги фаќа паника, бидејќи тоа ќе значи губење на извозните зделки, затоа што вратите на европските пазари од Нова година ќе им бидат затворени.
Иако, македонската законска регулатива уште од 2003 година ги упатува фирмите од прехранбената дејност да го преземат ХАСАП системот, фактот што е мал бројот на оние што го воведоа или се на пат тоа да го сторат, говори дека фирмите не се многу заинтересирани за негово воведување. Оправдувањето е можеби и логично, сметаат добрупатени, ако се има предвид дека тоа бара пари. Тие нагласуваат дека не би требало да се брза со инсистирањето за воведување на ХАСАП со сопствени средства. Според нив, подобро би било да се фокусираме на што побрзо донесување на фондовите од Европската унија, нивно користење и подигање на модерни објекти, што би биле изградени по ХАСАП-системот.
Светлана БЛАЖЕВСКА