“Само весело да е”, за публиката
“Само весело да е”, изведена од Гоце Арнаудов, е победничката за ова, 21. издание на најреномираниот “Фолк Фест Валандово”, песната која доби најголеми аплаузи од публиката во салата при Домот на културата “25 мај” во Валандово. Втората награда, според бројноста на гласовите и припадна на вокална група “Валандово” за “Ода на љубовта”, а третата на Благица Калева, Наум Петрески и “Модус”, кои пееја “Дојди на зајдисонце” (наградени и со трета од жири). Жирито, водено од својот стручен вкус, првата награда ја додели за темата “Не се трпат немири” со Нино Величковски, а втората им ја подели на “Виулица” со Росана и Горан Тодоровски (награден и како автор на овој текст) и “Тодоре, мило либе” со Ирена Спасовска, чиј аранжман на Тодор Трајчевски, исто така, доби официјално признание. Пеејќи “Сакам да си љубоморен”, најуспешна беше дебитантката Живанка Ристова. Анета Мицевска, поддржана од групата “Молика” ја освои наградата за најубава интерпретација, на “Плашлива срна”. На финалето “Валандово 2005” одржано во саботата вечерта, за најдобар е прогласен сценскиот настап на Јасмина Мукаетова (“Мангуп си”), додека нововостановената плакета “Современ израз во новосоздадената музика” ќе го украсува домот на Татјана Лазаревска (“Празна клучалка”). (Ва.Ѓ.)