Без инциденти заврши протестот на косовските Албанци во Приштина. Демонстрациите беа во организација на движењето Самоопределување” кое не се согласува со планот на специјалниот пратеник на Обединетите нации Марти Ахтисари за Косово. Според организаторот на протестот – планот на Ахтисари е во корист на Белград и не одговара на политичката волја на граѓаните на Косово”, пренесува МИА. Демонстрантите исто така бараа и ослободување на лидерот на Самоопределување” Албин Курти и на другите учесници во претходниот протест во Приштина. Курти е во затвор и чека судење поради насилните демонстрации што ги организира на 10 февруари, кога загинаа двајца демонстранти, а над 80 беа повредени.
На завчерашните протести имаше околу 2.000 членови и симпатизери на движењето Самоопределување”. Демонстрациите се одвиваа под засилено обезебдување од страна на специјалните сили на Косовската полициска служба и од меѓународните безбедносни сили распоредени во Косово. За време на протестот главните улици во Приштина беа затворени за сообраќај, а пред владините институции во Приштина се поставени бетонски огради. Претставниците на меѓународната мисија на Обединетите нации, на Организација за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и на други организации уште завчера заминаа од Приштина поради протестот на движењето Самопределување”.