Владејачката коалиција во Грција ќе бара поддршка од независните парламентарци, пратениците на Демократската левица и Независните Грци за избор на претседателскиот кандидат Ставрос Димас за да се избегнат евентуални предвремени парламентарни избори.

Гласањето ќе се одржи утре во 19 часот, а досега само околу 10 парламентарци надвор од коалиција рекоа дека ќе го поддржат владиниот кандидат Димас.

Аналитичарите коментираат дека ова укажува на тоа оти 165 пратеници ќе бидат добра појдовна точка за гласање во среда, додека Владата се надева дека може да добие поддршка и од 170 парламентарци.

На коалицијата и треба двотретинско мнозинство од 200 пратеници во Парламентот, кој брои 300 членови, за Димас да биде избран во првиот круг. Ако тоа не успее, вториот круг ќе се одржи по пет дена, на 23 декември, на кој исто потребни се 200 гласови. Третиот и последен круг од гласањето ќе се одржи на 29 декември, но овој пат потребното мнозинство гласови ќе се намали на 180 пратеници, што е и целта на Владата.

Ако претседателските избори не успеат, Парламентот ќе биде распуштен во рок од десет дена, а предвремените избори ќе се одржат најрано на 25 јануари и 1 февруари. Досегашните анкети покажуваат дека на евентуалните предвремени избори ќе победи главната опозициска партија Сириза.

Владата во моментов ја има поддршката од 155 пратеници и покрај 24-те независни пратеници, од кои голем број ќе бидат на страната на Владата, коалицијата се надева дека ќе привлече некои од пратениците на Демократската левица (10 пратеници) и Независни Грци (12 пратеници), кои веќе на разни начини наводно сигнализирале дека се подготвени да ги пробијат партиските редови и да гласаат за претседател.