Сакав да се затворам во студио, ”Балканика” ме навлече на пат
Сања Илиќ е од оние ретки уметници, кои секогаш се добредојдени кај слушателите со префинет вкус, и кај онаа поширока публика, која едноставно ужива во се. Неговиот концерт во Универзална сала беше ретко задоволство, пред кој музички настан сосема искрено поразговаравме за многу, многу нешта.
– Верувајте ми, овие неколку дена (пред концертот ) се одморив. Богами интересно ми е што првпат почувствував дека немам што да правам, освен само да пијам кафиња со пријателите. Затоа што оваа работа навистина бара ангажирање во целата организација.
Значи се сами си организирате?
– Главно да. Не можете за се да се потпрете само на луѓето околу вас. За концертот во Скопје имам многу добра соработка со менаџерот Драган Пешиќ, кој заедно со Фондацијата “Мобимак” се договорија процент од концертот да оди за опремување на Детската болница. Јас секогаш сум да се помогне на децата.
Дишење во ист ритам
Ви верувам дека има доста трчкање, “Балканика” е една масовна програма. Но, за да успее, треба да постои максимална хармонија меѓу Вас и другите членови. Вие ги држите конците, а тие го прават најдоброто.
– До сега веќе пет години функционираме перфектно, добро се снаоѓаме и музички се разбираме. До кога тоа ќе трае не знам, но засега е ОК. Од автобус, во авион, од авион во автомобил, знаете.. најчесто сме уморни, но и покрај тоа се обидуваме да даваме убави концерти. “Балканика” има 16 членови, професионалци. Повеќето од нив се млади и академски образовани. Тие од нас повозрасните ја прифатија професионалноста како најважна во оваа работа, и ми се чини можеби тоа е тајната на успехот на “Балканика”. На сцената дишеме како едно суштество.
Како ги најдовте тие квалитетни музичари?
-“Балканика” е отворена за соработка со сите а особено со оние кои свират со тие некои “чудни” по малку заборавени инструменти. Мене ми е жал што во Србија нема училиште само за стари инструменти. Мојот пријател Теодосиј Спасов, како врвен кавалист има завршено Академија за кавал во Пловдив. Навистина би сакал и кај нас да има такво нешто, па младите луѓе да имаат каде да научат да свират на кавал, гајда, фрула, тапани, тамбури и разно-разни инструменти, кои, сепак, го претставуваат звукот на ова поднебје.
Зошто Вие не формирате такво училиште еден ден, кога, да речеме “Балканика” ќе биде попасивна со својата работа.
– Многу сте во право, јас на пример дојдов до таа идеја, но тоа би значело уште толку работа, а бидејќи денот трае само 24 часа не би имал време за тоа. Кој знае? Еден ден можеби ќе се ангажирам на тој план.
“Принцеза” на Дадо и Слаѓана. . .
За Вас и Вашата мината работа владее позитивно мислење – никогаш не ги врзувавте пејачите само со Вас, им дававте песни и голема слобода. . .
– Едноставно, јас порано кога се занимавав со поп- рок музика не сакав да се врзам за ниту еден пејач. Ми се чинеше дека е подобро да давам повеќе песни на повеќе врвни пејачи, како Здравко Чолиќ, Златко Пејаковиќ, Тереза Кесовија, Радојка Шверко, Дорис Драговиќ, Габи Новак … За мене на фестивалите најважно беше дружењето. Не беше услов да добијам награда. Ми се чинеше дека така животот е поубав.
Кој фестивал од Скопје Ви остана во сеќавање?
– Се сеќавам дека бев во Скопје само за Евровизискиот фестивал 1984 година со “Принцеза” на Дадо Топиќ и Слаѓана Милошевиќ. И ете, иако беше убедливо најдобра песна и сите однапред ја прогласија за победник, радиоцентрите не ја пратија на Евровизија, но песната остана најслушана. “Принцеза” е ненадмината кај публика, текстот е на Дадо Топиќ.
Јас се сеќавам кога Аски во 1982 година отидоа на Евровизија со Вашата песна “Хало, хало”. Имате премногу песни, која Вас Ви е најдрага?
-“Аугуст 75” со Бисера Велетанлиќ за мене е најинтересна песна и биографска, иако текстот го правеше Марина Туцаковиќ.
“Бијело дугме” по толку години прават еден многу комерцијален и, од публиката, посакуван потег. Дали сте размислувале да реанимирате нешто од Вашето, кои на времето го достигнало врвот?
– Јас пред 15 години за претставата “Сина птица” со Ирфан Менсур ја напишав песната што ја испееја многу глумци, и стана хит. Се изненадив кога пред неколку години на концертите во Охрид и Битола публиката ја знаеше и ја пееше. Што се однесува реанимација на некои мои бивши композиции, е во ред, но мислам дека требаат нови песни, нови емоции.
“Млад” бенд со два албума
Да се фокусираме на најактуелното. Се почувствувавте доволно реализиран на поп-рок поле, во периодот кога етно “Балканика” исплива на површина?
-Долго се занимавав со поп-рок. Во 1996, 1997 беа лоши времиња и јас како уметник барав начин како да ја надминам таа општа криза. Купив некои нови работи во студио, се повлеков за да направам музика која излегува од мене, а е врзана за нашите корени. И така настана првата песна “Хиландар” која ја замислував со хор, грандиозно, полна со емоции и атмосфера. Тогаш, во текот на работата доаѓаа млади луѓе кои свиреа на некои подзаборавени инструменти и практично тие ми дадоа инспирација како да работам понатаму. Кога комплетно го завршив проектот, пријателите ми рекоа дека треба да го објавам – кога го објавив, ми рекоа – е сега треба да одиш на концерти. Мислев дека јас завршив со своите концертни активности и дека сум само композитор кој седи во студио. Но, никогаш не вели никогаш. Се случи со “Балканика” за овие пет години да имаме сто концерти, од Шангај до Мексико, Тунис, Европа и секако републиките на бивша Југославија. Ако музиката е добра ќе ја препознае секој.
Го насловивте со едно општо име за овие простори.
– Затоа што јас сум од Србија и по логика на нештата треба да работам музика со српска инспирација, но сметав дека тоа е мал простор за да се распостелам во вистинска смисла. А Балканот е географски толку мал што можеби и единствен во свет, толку малку земји, со толку различен фолкрол, просто несфатливо!? Грција, Македонија, Бугарија, Србија и Црна Гора, Албанија, Унгарија… Кога ќе се земе ние сме релативно млад бенд, со два авторски албуми и се на се 24 композиции. Сакам да направиме нешто емотивно и убаво. Заедно можеме музиката да ја дигнеме на високо ниво, поточно тоа ниво постои, ние треба само да ја промовираме во светот. На пример некој од Америка веднаш да препознае дека тоа е Балканска музика.
На кое место во Вашата ранг-листа котира македонскиот мелос?
– Она што сакам да го напоменам дека македонски мелос ми е некако најубав и најдобар на Балканот. Првата песна за која снимивме спот “Долина суза” ме потсетува на стара македонска тема.
Подалеку од компјутерот
Во мои очи Вие сте целосно реализиран и исполнет човек. Дали истото го мислите кога ги “разлистувате” сопствените факти во Вашата глава?
– Дали размислувам на себе!? Има тука само еден проблем што просто немам време да седнам и да ги сведам сметките, оваа професија не дава таков луксуз. Што се однесува до активности, моја најголема сегашна обврска е пудлицата Арон. Долго бев против тоа куче да се донесе дома. Но мојата сопруга го доби за роденден, и …. Мојата сопруга Злата Петковиќ ја знаете како глумица од “Отпишаните” И како поранешна Мис на Југославија. – За мене е убавица на цел свет. Синот Андреа, кој сега студира режија, не сакав да се занимава со музика, но тој не ме послуша и објави албум.
Останува по некоја минутка за пријателите?
– На 50 метри од мојата куќа, мој пријател го држи кафулето “Ало, ало”. Одам таму, седнувам со луѓе од разни професии, си разговараме. Моите пријатели од музиката главно се техномани, а мене тие муабети ме оптоваруваат. Мене компјутерот ми служи само за помош, како апарат за бричење. Го користам во хумана смисла- завршувам работа и го оставам.
Валентина Ѓоргиевска Фото: Влатко Перковски