Бројот на пријавени случаи на коронавирус во САД е многу помал од реалниот број на заразени, според податоците објавени денес од американската влада.

Студијата на центрите за контрола и превенција на болести на САД наведува дека вистинската стапка на инфекција на „Ковид-19“ била повеќе од 10 пати поголема од бројот на пријавени случаи во повеќето региони во САД, во периодот од крајот на март до почетокот на мај.

АП наведува дека истражувањето ги потврдило резултатите од помала студија од минатиот месец.

Студијата се заснова на тестови за антитела на „Ковид-19“ на рутински примероци на крв од 16.000 луѓе во 10 региони на САД.

Многу е веројатно дека со истражувањето се откриени инфекции кај луѓе кои можеби немале симптоми или имале само лесна форма на болеста и никогаш не биле тестирани за коронавирус.

Според резултатите од студијата, стапката на инфекција била од шест пати поголема од бројот на пријавени случаи во Конектикат, до 24 пати поголема во Мисури.

Сепак, повеќето луѓе во овие 10 региони не биле заразени.

Студијата е објавена на порталот на медицинското списание „JAMA Internal Medicine“.

извор: Makfax