Американскиот државен јавен обвинител Вилијам Бар најави кривична пријава против третиот либиски државјанин осомничен за бомбашкиот напад на летот 103 на „Пан Ам“ над Локерби, Шкотска во 1988 година, пренесува „Њујорк пост“.

Наводниот изработувач на бомби, Абу Агила Масуд, кој е притворен во Либија, е обвинет во САД за терористичкиот напад во кој загинаа 270 лица, вклучувајќи 190 Американци.

Бар ги најави обвиненијата на 32. годишнина од нападот. Тој рече дека терористичкиот напад бил втор најлош во историјата на САД, по 11.09., и дека бил насочен кон Американците.

„Се надеваме дека либиските власти ќе дозволат да му се суди на Масуд за ова злосторство во САД и дека ќе обезбедат поддршка и сведоци потребни за да го изведеме пред лицето на правдата“, рече Бар.

Бар претходно го водеше Министерството за правда од 1991 до 1993 година и рече дека за него е важно да го разгледа случајот. Тој ќе се повлече од функцијата на 23 декември.

Двајца други наводни заговорници беа судени според шкотскиот закон од специјалниот суд со седиште во Холандија во 2000 година. Еден наводен заговорник, Ламин Калифа Фимах, беше ослободен од обвинението. Другиот, Абделбасет ал-Меграхи, беше осуден на доживотен затвор. Тој беше ослободен во 2009 година поради здравствени проблеми и беше пречекан како херој во Либија пред да почине во 2012 година.

Масуд, исто така, наводно учествувал во бомбардирање танцов клуб во Западен Берлин во 1986 година, во кое загинале двајца Американци.

САД ја бомбардираа Либија во 1986 година за време на владеењето на долгогодишниот диктатор Моамер Гадафи, кој беше соборен и убиен по бунтот поддржан од САД во 2011 година.

„Нема сомнение дека нападот на „Пан Ам 103“ беше насочен кон САД. И овој грозоморен напад живее неславно во колективната меморија на американскиот народ “, рече Бар.

Бар рече дека обвинението е благодарение на либиското интервју со Масуд  додека тој беше притворен од властите по Гадафи. Земјата останува поделена меѓу две влади, а Масуд го држат официјални власти со седиште во Триполи.

„Според тужбата, Масуд ја направил бомбата што го уништи „Пан Ам 103“. По соборувањето на авионот, Гадафи лично му се заблагодарил на Масуд за овој успешен напад врз САД“, рече Бар.

Советниотк на либиската влада со седиште во Триполи, Мохамед Али Абдалах, изјави за „Фокс њуз“ дека Масуд е многу злобен човек и дека смета оти ќе им биде предаден на САД на судење.

извор: Makfax