Убиството на саудискиот колумнист Џамал Кашоги ја одразува омразата кон медиумите во многу области на општеството, тврди организацијата за слободата на печатот, „Новинари без граници“.

Најмалку 63 новинари беа убиени оваа година, што претставува пораст од 15 отсто во однос на минатата година, додаваат тие. Оваа бројка е уште поголема ако се земат предвид и граѓанските новинари, се вели во нивниот годишен извештај.

Меѓу петте најсмртоносни земји во светот за новинарите се и три каде што нема војна или немири – Индија, Мексико, а за првпат и САД – а каде што новинари беа ладнокрвно убиени, организацијата истакна во извештајот.

Генералниот секретар, Кристофер Делор истакна дека омразата што бескрупулозните политичари, верски лидери и бизнисмени ја шират придонесува за зголеменото насилство кон новинарите.

Од организацијата „Новинари без граници“ додаваат дека трите најопасни земји за работа за новинарите се Афганистан, Сирија и Мексико.

Оваа година, заробени се 348 новинари низ целиот свет, што повторно претставува пораст во споредба со во 2017 година кога оваа бројка изнесуваше 326. Повеќе од половина од заробените новинари се во Кина, Турција, Иран, Саудиска Арабија и Египет.

извор: Makfax