САД, Канада и најмалку 14 земји на ЕУ, вклучувајќи ги Германија и Франција, донесоа одлука за протерување на руски дипломати во врска со случајот на труење на поранешниот разузнавач, Сергеј Скрипал. Одлука за протерување на руски дипломати по случајот со Скрипал донесоа 14 земји на ЕУ, како и САД, соопшти претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Туск изјави дека постои можност да се применат дополнителни мерки, кои ќе вклучуваат нови протерувања во наредните денови или недели, објавија светските новински агенции. Меѓу земјите кои ќе протераат руски претставници се: Полска, Литванија, Летонија, Естонија, Германија, Франција, Данска, Украина, Чешка, Холандија, Франција, Италија и САД.

Во продолжение ова е листата на земји од кои се протерани руски дипломати и нивната бројка:

САД – 60
Канада – 4
Полска – 4
Литванија – 3
Летонија – 1
Холандија -2
Украина – 13
Франција – 4
Данска – 2
Чешка – 3
Естонија – 1
Германија – 4
Италија – 2
Романија – 1
Хрватска – 1
Финска – 1

Уште едена земја која се споменува во медиумите, а за која нема официјална потврда е Шпанија.

САД, исто така, одлучија да го затворат рускиот конзулат во Сиетл, а некои од дипломатите што ќе бидат протерани оттаму биле дел од мисијата на Обединетите нации, но администрацијата на Трамп се сомнева дека ваквата позиција ја користеле како параван за нивните разузнавачки активности.

Колку за потсетување, веќе 23 руски дипломати се протерани од Велика Британија откако поранешниот руски двоен шпион, Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија беа нападнати со нервен агенс во англискиот град Салисбури. Нивната состојба е сé уште критична.

Инаку, руските амбасадори во Полска, Летонија, Литванија и Естонија утрово биле повикани во министерствата за надворешни работи на тие земји. Според информации кои ги пренесе „Ројтерс“, Москва веќе реагирала на најновите дипломатски бранувања, така што ќе протера најмалку 60 членови на американската дипломатска мисија во Русија.

извор: Makfax