Руски воен авион за малку ќе се судрел со шведски патнички авион над југот на Шведска соопштија вчера властите во Стокхолм, но информацијата вчера ја негираше руското Министерство за одбрана.

Министерот за одбрана на Шведска, Петер Хултквист во интервју за радио открил дека станувало збор за руски авион.

-Ова е сериозен инцидент. Се случи нешто сосема неприфатливо. Исклучително е опасно кога авион ќе ги исклучи транспондерите, истакнал тој.

Микаел Биден, генерал-мајорот на шведското воено воздухопловство, објаснил дека се работи за „странски воен авион”, кој ги исклучил транспондерите кои служат за препознавање на леталото на комерцијалните радари, а биле испратени ловци во извидница за да го идентификуваат непознатиот авион.

Генералот Биден дополнил дека на комерцијалниот авион веднаш му било наредено да ги смени курсот и дека инцидентот не бил толку сериозен како тој во март кога руски авион исто така со исклучени транспондери се приближил на само 100 метри на авион на компанијата САС.

За инцидентот се огласи и руското Министерство за одбрана кое негираше тврдењата на властите во Стокхолм дека во петокот ловец на Военото воздухопловство на Русија за малку ќе се судрел со патнички авион над територијата на јужна Шведска.

-Немало никакви предуслови за авионска несреќа во петокот на 12 декември на руски воен авион во меѓународниот воздушен простор над Балтичкото Море, изјави претставникот на Министерството за одбрана на Русија, Игор Конешенков.

Според него, летот на рускиот ловец бил спроведен во согласност со меѓународните правила, без нарушување на воздушните пространства на други држави и без загрозување на безбедноста на коридорите по кои летаат цивилни авиони.

Конашенков признал дека рускиот ловец летал со исклучени транспондери, велејќи дека тоа го прават и авионите на НАТО кога летаат близу воздушниот простор на Русија.

-Но, тоа не значи дека руските контроли на летање не ги регистрираат, потенцира Конашенков.