Лидерот на руската опозиција, Алексеј Навални е осуден на 30 дена затвор, за како што информираат од судот, поради кршење на законот за јавен протест.

Со казната затвор Навални и опозицијата нема да можат да ги одржат антивладините протести закажани за следниот месец против реформите на пензискиот систем, со кои се предвидува зголемување на старосната граница за заминување во пензија.

Рускиот опозиционер, Алексеј Навални, кој е најголем противник на Кремљ, пред неколку дена беше приведен од пред неговиот дом.

Навални досега е апсен повеќе пати поради организирање протести против Кремљ, а му било забрането да учествува и на претседателските избори оваа година.

Рускиот опозициски лидер беше осуден на 30 дена затвор и во мај поради неговата улога во организирање протести ширум Русија против претседателот Владимир Путин.

извор: Makfax