Портпаролот на Московската патријаршија, митрополитот Иларион изрази загриженост поради најавите за претворање на Аја Софија во џамија, пренесува „Спутник“.

„ Внимателно и сериозно ги следиле случувањата околу храмот Света Софија. Очекуваме официјално објавување на одлуката на Врховниот суд на Турција кој, ако им се верува на медиумите, одлучил дека статусот на Аја Софија, која сега е музеј, може да се промени со указ на претседателот. Се надеваме дека нема да биде донесена ослука храмот да се претвори во џамија,“ изјави Иларион.

Тој ја нарече Аја Софија наследство на целото чивештво. Таа илјада години беше православен храм, потоа претворен во џамија, но во 1934 година со одлука на првиот претседател на Турција, Кемал Ататурк, доби статус на музеј.

Во храмот се сочувани непроценливи фрагменти на мозаици со Исус Христос, Богородица, свети Јован Крстител и со византиските императори.

„ Каква ќе биде судбината на тие мозаици ако храмот биде претворен во џамија? Во исламот сликите се забранети. Ќе ги уништат како што уништија и дел од мозаикот по заземањето на Цариград во 1453 година или ќе ги пребојат,“ рече тој.

Митрополитот Иларион изрази уверување дека промените во рамнотежата и долгогодишното статус кво може да му нанесат штета на взаемното  разбирање во светот, дијалогот меѓу цивилизациите и културите и на меѓурелигискиот дијалог.

Тој посочи дека не е во прашање само споменик на светската култура кој се наоѓа под заштита на УНЕСКО туку објектот има и сакрално значење.

извор: Makfax