Руската влада се закани со одмазда за досега најголемите масовни протерувања на руски дипломати во историјата, откако повеќе од 20 држави ја поддржаа акцијата на Обединетото Кралство во врска со труењето на поранешниот руски шпион во Салсбери.

Според руски Тасс, портпаролот на Кремељ, Дмитри Песков изјавил дека владата длабоко жали за одлуката на САД за протерување на нивните дипломати и ќе ја анализира ситуацијата пред да донесе предлог за одмазднички активности кој треба да го одобри рускиот претседател Владимир Путин.

„Ние веќе изјавивме и потврдивме дека Русија никогаш немала врска со скандалот со труењето на рускиот шпион. Ќе се водиме со принципот на реципроцитет како и претходно“ нагласи Песков.

САД вчера најавија протерување на 60 руски дипломати и затворање на конзулатот во Сиетел, што е најцврстиот дипломатски потег на американскиот претседател Доналд Трамп против Москва откако ја презеде функцијата во 2017 година, пренесува Си-Ен-Ен.

Песков изјави за Тас дека Министерството за надворешни работи ќе преземе можни одмазнички мерки кои ги разгледува претседателот Владимир Путин, нагласувајќи дека секоја конечна одлука лежи кај рускиот лидер.

Како одговор на најновото протерување на дипломатите, претставникот на Обединетите нации во Русија, Василиј Небензиа, ги обвини САД за злоупотреба на своите права и обврски како домаќин на Генералното собрание на ОН. Небензиа вели дека протерувањето на дипломати од страна на САД ќе ги попречи напорите на Москва во меѓународното тело.

Канада, Украина и земјите-членки на Европската унија, вчера им се приклучија на САД во протерувањето на повеќе од 100 руски дипломати.

Британскиот премиер Тереза Мај, реакцијата низ светот, ја нарече најголемото колективно протерување на руски разузнавачи во историјата.

извор: Makfax