Повеќе нема сомневања дека на клупата на фудбалската репрезентација на Русија ќе седи Холанѓанецот Гус Хидинк против Македонија на 15 ноември во Скопје во квалификациите за ЕП 2008. Тренерот на холандскиот ПСВ Ајндховен и репрезентацијата на Австралија Гус Хидинк призна пред холандскиот спортски канал дека по Светското првенство во Германија ќе го преземе националниот тим на Русија. “На чекор сум до преземањето на репрезентацијата на Русија. Останаа само некои ситни детали што наскоро ќе ги решиме. Се радувам на новиот предизвик”, изјави Хидинк само 24 часа откако на клупата на ПСВ ја освои втората едноподруго титула, а обврската кон Австралија му завршува ова лето. Според пишувањето на холандските весници Хидинк на кормилото на Русија треба да остане до 2010 година и Мундијалот во Јужна Африка. Тој ќе живее во Амстердам, а ќе лета во Русија кога е неопходно. Се смета дека зад оваа зделка стои сопственикот на англискиот Челзи, рускиот милијардер Роман Абрамович.
Поранешниот тренер на Холандија, Реал (М) и Ј.Кореја беше споменуван и за селектор на Англија.