Производителите на сол во Русија забележуваат зголемување на нарачките по објавувањето на препораката на Министерството за здравство носната слузница да се плакне со солена вода за да се спречи инфекција со коронавирус, јавуваат руските медиуми.

„Откако руското Министерство за здравство ја објави таа препорака на 9 април, бројот на налози за испорака на сол добиени од дистрибутерите се зголеми за 20 проценти“, вели Дмитриј Леонов, заменик претседател на руската Асоцијација на производители на сол.

Според него, дистрибутерите известуваат оти граѓаните купуваат повеќе сол за превентивна употреба.

Леонов потсетува дека еден од методите за спречување на инфекција со Ковид-19, кој го препорачува Министерството за здравство на Руската Федерација, е да се измие носната слузница со физиолошки раствор, што е всушност стерилизирана мешавина од сол и вода која, меѓу другото, ја враќа влагата во носот и го запира воспалението на слузокжата.

Производните капацитети на домашните компании се во можност 100 процентно да ја задоволат тековната зголемена побарувачка, но и да пуштат на пазарот дополнителни количини сол доколку е потребно, нагласи Леонов.

извор: Makfax