Единствените играорци кои ја чуваат и негуваат традиционалната игра на Македонците бегалци од Кукуш и Кукушко и годинава заиграа во селото Секирник, во чест на празникот, но и за спомен на нивните предци.

Седмото издание на фестивалот посветен на русалиските игри преку настапите на КУД “Русалии# од Секирник, ансамблот Македонија, КУД “Танец” од Миравци и КУД “Кирил и Методиј”, од Иловица овозможија уште еднаш се види и доживее дел од богатството и гордоста на Македонците чувани и негувани со генерации наназад.

Средбата на русалиите во Секирник, која има за цел да го зачува и афирмира русалиството како древен обичај од Јужна Македонија, и оваа година привлече голем број посетители и љубителите на македонскиот фолклор и традиција и беше реализирана со поддршка на Министерството за култура и Општина Босилово, од каде што велат дека овој фестивал од една страна значи чување на традицијата, а од друга и можност за промоција на богатиот фолклор и културните вредности на регионот.

Пред три години во чест на русалиите во центарот на селото Секирник беше откриен споменик на русалија кој треба трајно да сведочи за историјата и вистината на русалиите, а наскоро општината најавува изградба на културен центар на русалиите преку кој сите заинтересирани одблиску ќе може да се запознаат со овие традиционални игри, но и обичаите поврзани со нив.

(З.Ѓ.)