Бекот на Чикаго Булс, Дерик Роуз, стана најмлад МВП-играч во регуларниот дел од сезоната во НБА лигата. Роуз (22) беше најголем фаворит за ова престижно признание, бидејќи ги предводеше биковите” до најдобриот скор во лигата од 62 победи и 20 порази. Тој во гласањето го победи центарот на Орландо Меџик, Двајт Хауард, бековите на Мајами, Леброн Џејмс и ЛА Лејкерс, Коби Брајант.
– Се уште ништо не сум слушнал. Жал ми е, но сега тоа ми е последната работа за која размислувам, изјави Роуз.

Последен кошаркар на Чикаго, кој го доби ова признание беше легендарниот Мајкл Џордан, кој пет пати се закити со МВП-признанието во регуларниот дел.
Со добивањето на ова признание бекот на Чикаго го прекина двегодишното владеење на Леброн Џејмс, кој минатото лето премина од редовите на Кливленд во Мајами и покрај тоа што имаше понуда да настапува за Чикаго. Со 22 години Дерик го собори Вес Анселд, кој беше една година повозрасен кога го доби ова признание во 1969 година. Ѕвездата на Чикаго во регуларниот дел од сезоната во просек постигна 25 поени, 7,7 асистенции и 4,1 скокови.