Кошаркарите на Чикаго, Далас, Мајами и Атланта со триумф го започнаа стартот во НБА плејофот за титулите по Конференции, што го одбележаа неколку пресврти и фантастично претставување на некои од поединците во тимовите.
Во Источната конференција убедливо најдобар беше Двајт Хауард со 46 поени и 19 скокови со што го израмни рекордот во кариерат. Но, тоа и поддршката од Џамир Нелсон (27 п.) не беа доволни Орландо да го избегне поразот дома од Атланта со 103:93.
Одлична партија одигра и Дерик Роуз, уфрли 39 поени и го одлучи победникот во дуелот меѓу Чикаго и Индијана. Во тешка борба победата им припадна на “биковите” со 104:99.
– Од самиот старт знаевме дека ова ќе биде тежок натпревар. Јас бев подготвен за се што ме очекуваше на паркетот. Но, следниот пат сигурен сум дека и моите колеги ќе бидат подготвени за тежок натпревар, бидејќи со Индијана ништо не е сигурно до крајот, изјави Роуз.
Слична улога во Западната конференција имаше и Германецот Дирк Новитцки во редовите на Далас во мечот против Портланд. Лидерот на Маверикс постигна 18 од 28 поени во последната четвртина за конечен триумф на неговиот тим од 89:81.
-Бев подготвен да загинам на теренот само први да поведеме во плејофот. Со тимот се договоривме јас да бидам централна фугура во нападот, односно повеќето акции да одат преку мене и мислам дека не згрешивме, изјави Новитцки.
Резултати-Источна конференција: Чикаго – Индијана 104:99 (1:0 во серија до четири победи) , Мајами – Филаделфија 97:89, Отландо – Атланта 93:103; Западна конференција: Далас – Портпланд 89:81