Завчеравечер во Сао Паоло се одигра пријателски меч меѓу светскиот шампион Бразил и Гватемала (3:0), на кој официјално се прости еден од најдобрите напаѓачи на “кариоките”, 39- годишниот Ромарио. Контроверзниот центарфор се запиша во листата на стрелците во 17. минута, а интересно е што судијата му додели жолт картон, откако тој при славењето, го соблече дресот. Тој беше заменет во 38. минута, кога го истрча почесниот круг околу теренот, следен од своите колеги, Раи, Бранко, Виола и другите со кои во 1994 година го освои светскиот шампионат. – За жал, сега е готово, но, среќен сум со сето она што успеав да го постигнам во репрезентацијата, со Барселона, Валенсија и со ПСВ Ајндховен, изјави Ромарио, кој плачеше за време на интонирањето на бразилската химна пред мечот. Особено потресно беше кога тој го соблече дресот, бидејќи на долната маичка стоеше натпис: “Јас имам мала ќеркичка, мала принцеза, која има Даунов синдром”.