Слабите игри на лидерот Работнички К. во последните два кола не ги оставија рамнодушни членовите на Управата и Стручниот штаб во овој скопски клуб. На сите им е јасно дека во текот на едно првенство има подеми и падови, но никој не сака надолниот тренд на претставите да продолжи и понатаму, и да биде доведено во прашање освојувањето на првата титула во историјата на клубот. Првата мерка за спречување на индолентниот однос е казната од 250 евра што е одредена за сите во клубот, почнувајќи од играчите, па се до тренерите. Ваквиот потег беше најавен од тренерот Ѓоре Јовановски уште по срамниот пораз од Брегалница К. од 4:2 во средата. “Сите поединци што учествуваат во работата на клубот и чии примања се поврзани со премии се казнети со по 250 евра. Се наоѓаме во мала играчка криза, но добро е што фудбалерите се самокритични и што се свесни дека игрите не одговараат на овогодишниот имиџ на клубот. Мислам дека од сабота кризата ќе биде само лош спомен”, вели Јовановски. (С.Д.)