Околу 25 илјади Хрвати завчера се собраа во Вуковар за да ја одбележат 15-годишнината од падот на градот под српските сили на 18 ноември 1991, на почетокот на четиригодишната српско-хрватска војна (1991-1995).
Луѓето кои дојдоа од целата држава, меѓу кои и претседателот Стјепан Месиќ, носеа рози и учествуваа во церемонијата во дворот на болницата во Вуковар, откаде пред 15 години српските сили земале во заложништво 250 ранети Хрвати и други несрпски жители и ги ликвидирале. Поворката продолжи на гробиштата во Вуковар, каде што беше положено цвеќе и запалени свеќи во спомен на 1.600 цивилни и воени жртви убиени за време на тримесечната опсада на градот.