Роаминг по иста цена од сите земји во светот
Корисниците на “Мобимак” од вчера имаат можност да разговараат во роаминг (од странство) по иста цена кон Македонија од кој било дел од светот. “Пост пеид” корисниците ќе разговараат со Македонија за само 52 денари за минута во мрежата на “Мобимак” и кон фиксната телефонија. Исклучок се повиците од Грција, кои се со цена од само 35 денари за минута, како и повиците од Србија и Црна Гора, каде што на основната цена се додаваат 20 денари за остварување на повик. За повиците кон “Космофон”, цената е повисока за 5 денари, а за интернационалните зони за 20 денари. “При пеид” корисниците, пак, ќе разговараат со Македонија за само 57 денари за минута во мрежата на “Мобимак” и кон фиксната телефонија. За Грција цената е 40 денари за минута и Србија и Црна Гора каде на основната цена се додаваат 20 денари за остварување на повик. И овде, повиците кон “Космофон” се со цена повисока за 5 денари, а кон интернационалните зони за 20 денари.
Наедно, “Мобимак” ја намали цената за користење на услугата СОЦЛИП – елиминација на рестрикција на повикувачка линија. Отсега, оваа услуга која е овозможена за “пост пеид” корисниците ќе се активира за само 200 денари, наместо за досегашните 1000 денари.(С. Бл.)