Предизвик за новата влада ќе бидат длабоките реформи, кои Брисел отворено ги очекува. Последната влада не направи ништо на тој план и сега ќе мора многу нешта да се надоместуваат, а со ранливо мнозинство од два пратеника, такво нешто не е ни теоретски возможно.

Брисел само формално, без датум, ги отвори преговорите, а во меѓувреме беше одредена нова методологија, која не само што ќе ги отежни условите туку, по многу нешта, вратите на Брисел ќе ги направи ширум – затворени. Неоспорно е дека Унијата не сака проширување поради внатрешните проблеми и лошото искуство по приемот на неподготвените Бугарија и Романија. Затоа, во споредба со порано, критериумите за членство се кренати на речиси недостижно ниво.

Македонија уште утре да ги започне преговорите, тие ќе траат најмалку 15 години, а веројатно и многу подолго. Потврда за тоа е Црна Гора, која преговара од јуни 2012 (8 год.) и не е дојдена ни до половина пат иако се работи за 600 илјади народ и земја што нема нерешени прашања со соседите. Втор пример е Србија, која преговара од јануари 2014 (6,5 год.) и е, по многу нешта, речиси на почетокот од процесот.
Членството во ЕУ, иако е долгорочна и неизвесна цел, беше мамка за македонскиот народ и манипулација со него, и при потпишувањето на предавничките договори со Бугарија и со Грција, и во кампањата на последните избори.

СДСМ како да успеа да го убеди народот дека само што не сме влегле во ЕУ, а со тоа, се подразбира, нели, се оправдуваат сите идентитетски жртви, кои крајно непотребно ги положивме во спомнатите договори, а ќе бидат решени и сите други проблеми. Во сиромаштијата во која живее голем дел од народот, ЕУ беше лажната светла точка, која мобилизираше.

Истото важеше и за НАТО, кое беше пред и над сѐ интерес на САД, за да се затвори регионот за руско влијание. Иако е Албанија над 10 години дел од Алијансата, таа е најдобар пример и доказ дека измамите врзани со членството во НАТО, како гаранција за стабилност, безбедност, странски инвестиции и развој – се чиста измислица и махинација. Таму со години владее политички хаос.

И ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од амбициите да формира нова влада, иако шансите се минимални. Повод е веројатно аналогијата од 2017 г. кога тие имаа два пратеника повеќе ама СДСМ ја состави Владата. Сепак, тоа личи на празни надежи. Странскиот фактор, кој по многу нешта игра клучна улога во земјава, отворено ја поддржува досегашната власт. Немаат потреба да ја менуваат бидејќи таа веќе им докажа дека се верни марионети.

Во дадениве услови, оптимално решение за Македонија изгледа привремено формирање влада на широка коалиција, во која би влегле сите заинтересирани парламентарни партии. Главни задачи би биле справување со пандемијата и во рок од шест до 12 месеци организирање нови парламентарни избори.

Тие би биле заедно со локалните, кои следуваат во октомври 2021 г. и, кои, евентуално, би се организирале неколку месеци порано. Меѓутоа, и оваа опција е речиси невозможна бидејќи конфронтацијата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е многу подлабока од заедничките национални и државни интереси.

Неизвесноста е тотална бидејќи никој не знае на што сѐ се подготвени 32-та албански пратеници. Со нив и со СДСМ, странскиот фактор може да прави што сака. Ако сите 32 албански пратеници се присилат на коалиција со СДСМ таа ќе биде погубна по интересите на македонскиот народ…

Колумна Нова Македонија