Во првиот финален натпревар од разигрувањето за титулата кај нашиот источен сосед Бугарија, актуелниот шампион Лукоил Академик, чиј тренер е нашиот Марин Докузовски, славеше против ЦСКА со 92:84.

Централна фигура на натпреварот беше нашиот интернационалец Ристе Стефанов, кој за 30 минути постигна 18 кошеви, имаше неверојатни 6-6 за тројки и 4 скокови и сигурно дека учинокот ќе беше уште повреден ако не заработеше 5 лични грешки. Неговиот клупски другар Ѓорѓи Чековски за 23 минути минати на паркетот реализира 5 поени, имаше и 4 скокови. Во поразениот тим на ЦСКА, Димитар Мираковски беше стандарден – одличен за 30 минути заби 18 кошеви, имаше 4 асистенции и 3 скокови.

– Уште по првата четвртина направивме солидна позитива од 15 кошеви (26:11) принудувајќи го противникот во наредните три периоди постојано да ја брка нашата залиха. Ние знаевме со мудра игра на крајот да ја сочуваме почетната резултатска предност, вели тренерот на Лукоил Академик Марин Докузовски.

Во Хрватска на програмата беше 11. коло, во кое тимот на нашиот Тодор Гечевски, Задар без проблеми славеше против Светлост од 107:83. Големата разлика во квалитет беше причина и првиот играч во редовите на задрани популарниот Гец повеќе да одмора. Мина малку на паркетот, само 11,59 минути во кои колку да се загрее постигна 8 поени и 3 скока.

– Во натпревар без приказна го направивме она што требаше да го напраивме. Ова беше само вовед во загревањето пред она што не очекува во наредните натпревари, вели тренерот на Задар, Александар Петровиќ.

Кај северниот сосед Србија се играше 8. коло во кое ФМП (Предраг Самарџиски за 29 минути имаше учинок од 8 поени и 10 скокови), како гостин славеше против Црвена Звезда (Перо Антиќ за 11 минути заби само 4 поени) со 81:86. Со овој успех ФМП се зацврсти на втората позиција на табелата.