Се чини дека Рио Фердинанд и наредната сезона ќе го носи дресот на Манчестер Јунајтед. Околу неговото заминување од Манчестер и “преговорите” со директорот на Челзи Питер Кенјон, судејќи по се, се крена непотребна прашина. Фердинанд, според последните информации, е мошне близу до продолжување на договорот со Манчестер Ј. што го потврди и тренерот Алекс Фергусон. “Преговорите се одвиваат мошне добро и влегоа во завршна фаза. Рио покажа голема желба да остане во Манчестер и можам да кажам дека сум пресреќен поради тоа. Остана да се договорат само уште некои детали, но верувам дека до средина на неделата ќе дојде до договор”, изјави Фергусон. До пред две недели немаше дилеми дека Фердинанд ќе го продолжи договорот. Но “случајната” средба со Кенјон предизвика лавина од нагаѓања дека Рио се наговара да мине во Челзи. Иако Фердинанд демантираше дека преговарал со директорот на Челзи, дури и самиот Фергусон беше уверен дека Челзи сака да му го преземе репрезентативниот дефанзивец на Манчестер. Сагата со Рио, сепак, се приведува до крајот на најдобар начин за тимот на Фергусон.