Советот за безбедност на Обединетите нации денеска, на седница во Њујорк, ќе ја разгледува состојбата во Косово. Според најавите, редовниот шестмесечен извештај би требало да го поднесе шефот на УНМИК Јоаким Рикер. На седницата нема да се расправа по предлогот на Марти Ахтисари кој во чевртокот му беше предаден на генералниот секретар на ОН, пренесува МИА.

Шефот на УНМИК Рикер пред заминувањето за Њујорк изјави дека извештајот за остварените стандарди на Косово во периодот од ноември минатата до февруари оваа година ќе биде позитивен. “Се разбира дека се уште има проблеми, но треба да продолжиме да работиме”, рече Рикер и како пример ги посочи проблемите со враќањето на бегалците и раселените, со владеењето на законите… За радио Слободна Европа тој оцени дека седницата на СБ би можела да биде последна на која ќе се расправа за реализацијата на стандардите и оти “тоа прашање, после утврдувањето на статусот, ќе биде во надлежност на ЕУ”.