x

Ретро изјави и бисери – Љубисав Иванов Ѕинго: Ех, Ацуле, Ацуле… до кд ќе те ваду бе?

Некогаш во ПМФЛ, општо во фудбалска Македонија, „жареше и палеше“ големата „тројка“ на претседатели на клубови. Тоа беа Љубисав Иванов – Ѕинго (Силекс), Александар Забрчанец – Ацуле (Победа) и Рафет Муминовиќ (Слога Ј). Тоа беше тоа „свето тројство“ во фудбалот.

Има многу работи за потсетување, но една останува како „бисер“ на Ѕинго, кој од малото Кратово го изнедри еден од нашите најтрофејни клубови во Македонија.

А тој настан, тој „бисер“, се случи на 19 мај 2004 година, се играше претпоследното коло во ПМФЛ таа сезона, а во Кратово се сретнаа старите добри, воедно и лути ривали Силекс и Победа, директни конкуренти за титулата. На две кола пред крајот прилепчани имаа пет бода предност, им одговараше и реми за својата прва историска титула. Така и беше, мечот заврши 0:0 а Ацуле радосен, еуфоричен, конечно на својот Прилеп му донесе шампионска титула.

Секако дека на Ѕинго не му беше право, во своето Кратово, на својот стадион да ја загуби титулата, но како голем спортсмен прв му честиташе на Ацуле, онака шеретски, со зборовите:

“Ех, Ацуле, Ацуле… до кд ќе те ваду бе?“ а притоа со шаката „удирајќи“ го во образите, онака како што само на Ѕинго му е дозволено. Секако дека Ацуле од срце ја прими честитката.

Сиот овој настан се случуваше во ложата на стадионот во Кратово, по завршување на мечот, кој на Победа и донесе титула.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата