Од први септември жителите на општина Вевчани ќе добијат можност да извадат регистерски таблички со ознаката ВВ.

Имено, изготвени се измени Правилникот за регистрационите подрачја за возилата и новото регистрационо подрачје што се воведува во Република Македонија е Вевчани – со ознака ВВ кое го опфаќа регионот на општина Вевчани.

Во согласност со Правилникот за изменување на Правилникот за регистрационите подрачја за возилата и нивните ознаки кој стапи на сила на 1 март годинава се воведоа 6 нови регистрациони подрачја за возилата и тоа (БЕРОВО – БЕ, ДЕЛЧЕВО – ДЕ, ВИНИЦА – ВИ, НЕГОТИНО – НЕ, РЕСЕН – РЕ и СВЕТИ НИКОЛЕ – СН), со што вкупниот број на регистрациони подрачја во Република Македонија од постоечките 17 во 2009 година се зголеми на 23 регистрациони подрачја.

Во Правилникот за регистрационите подрачја за возилата и нивните ознаки пред овие измени беа додадени и следните регистрационите подрачја: Гевгелија – ГЕ Кавадарци – КА, Кичево – КИ, Кочани – КО, Крива Паланка – КП, Радовиш – РА и Струга – СУ. Инаку постоечки регистарски ознаки пред воведувањето на измените во Правилникот за регистрационите подрачја за возилата и нивните ознаки беа: Битола – БТ, Велес – ВЕ, Гостивар – ГВ, Куманово – КУ, Охрид – ОХ, Прилеп – ПП, Скопје – СК, Струмица – СР, Тетово – ТЕ и Штип ШТ.