На Клиниката за детски болести во Скопје вчера беше пуштен во употреба Оддел за гастро-ентерохепатологија реновиран со средства собрани во рамките на акцијата “Да им помогнеме на децата кога им е најтешко”. Средствата во висина од 1.405.800 денари се донација на граѓаните кои со секој повик на отворената телефонска линија на “Мобимак” даруваа по 100 денари. Тие беа искористени за комплетно завршување на градежните работи на Одделот во кој годишно болнички се третираат по околу 450 деца и се извршуваат по 2.500 амбулантски прегледи. Камелија Левенска, претседател на Фондацијата “Мобимак” истакна дека од 3 март, од кога е започната акцијата на отворената линија на “Мобимак” се јавиле 14.058 граѓани. Директорот на Клиниката Зоран Гучев апелираше хуманоста на граѓаните да не заврши овде и изрази надеж дека со продолжувањето на акцијата ќе се соберат средства за купување соверемена апаратура која недостига на Одделот.