Како и пред четри години, во последното коло од групната фаза ќе бидеме сведоци на дуелот помеѓу големите ривали, репрезентациите на Хрватска и Шпанија. На преходното ЕП, “црвената фурија” забележа триумф, а “коцкастите” мораа да ги спакуваат своите кофери. Сега, такво сценарио е тешко остварливо, затоа што Шпанија веќе обезбеди пласман во следната елиминациска рунда, а истото може да се каже и за репрезентацијата на Хрватска.

Избраниците на Анте Чачиќ имаат потреба од само еден бод за да математички ја осигураат втората позиција во групата “Д”, но Хрватска може да обезбеди пласман во следната рунда и како една од најдобрите четри третопласирани селекции во Франција.

За очекување е да има доста измени во почетните состави на двете репрезентации, а дуелот во Бордо сигурно ќе го пропуштат Лука Модриќ и Марио Манџукиќ.

Секогаш е тешко да се игра кога на спротивната страна е репрезентацијата на Шпанија. Сепак, секогаш постои начин за да му се спротиставиш на актуелниот европски шампион. Време е Шпанија малку да се позамара со нас, време е да бидат загрижени поради нашата игра, нашите резултати. Покажавме дека можеме да се надигруваме со секоја репрезентација и не гледам ниту една причина поради кој не треба да идеме на победа, изјави пред натпреварот одличниот играч за врска, Иван Ракитиќ.

Репрезентативецот на Шпанија, Сеск Фабрегас пак потенцираше дека дуелот во Бордо е од големо значње затоа што “црвената фурија” има идеална шанса и математички да ја осигура првата позиција во групата “Д”.

Дуелот против селекцијата на Хрватска е од големо значење затоа што станува збор за дуел помеѓу двете репрезентации кои имаат амбиција да завршат како првопласирани во групата “Д”. Овој натпревар може да се покаже како клучен кога е во прашање останатиот дел од турнирот. Имавме добар старт, забележавме две победи, играме одлично, но премногу е рано за да се каже дали сме доволно квалитетни за да ја одбраниме европската круна, изјави фудбалерот на лондонскиот премиерлигаш Челзи.