Во Обвинителството за организиран криминал и корупција пристигна пратеничка на СДСМ, Фросина Ременски, која што треба да даде исказ во врска со случајот „Рекет“.

Таа кажа дека е дојдена во Обвинителството како повикано лице и не сакаше да каже дали е осомничена или сведок. Ременски најави дека по завршувањето на распитот ќе даде изјава за медиумите.

Во јавноста се шират шпекулации дека пратеничката и поранешна потпретседателка на СДСМ била присутна на состаноците на Бојан Јовановски со бизнисменот Силјан Мицевски и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

Претходно искази во Обвинителството дадоа водителката Лила Филиповска, бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски.

Мицевски пред Обвинителството изјави дека пари префрлил на сметката на Меѓународниот сојуз на Јовановски, а не на сметка на пензионерката Лилјана Тодоровска. Станува збор за 720 илјади евра кои, како што рече, ќе бара да му бидат вратени.

Водителката Лила Филиповска на излегување од Обвинителството не сакаше да даде изјава за медиумите. На новинарските екипи им испрати бакнеж со зборовите „чао друштво“.

Амзоски на сметката на Меѓународниот сојуз на Боки 13 уплатил околу 260.000 евра за стратешко партнерство и деловна соработка.

Во врска со „Рекет“ осомничени и во притвор се Бојан Јовановски – Боки 13, Зоран Милевски – Кичеец и специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

извор: Makfax