На церемонија во Белата куќа заклетва на функцијата државен секретар положи Рекс Тилерсон, а на неа присуствуваше и претседателот Доналд Трамп, пренесе ТАСС.

– Овој човек е почитуван во целиот свет. Сега, меѓутоа, почнува неговото најважно патешествие, рече Трамп.

Тој повторно ја изрази својата убеденост дека сите земји имаат право да ги бранат своите национални интереси.

Американскиот Сенат вчера ја одобри кандидатурата на Тилерсон за прв американски дипломат со 56 гласа „за”, наспроти 43 гласа „против”. За поранешниот шеф на нафтениот гигант „Ексон Мобил” гласаа сите републиканци, тројца демократи и еден независен сенатор.

– Во меѓународната дипломатија нашата земја треба да содејствува за зацврстување на стабилноста и безбедноста во светот. Вие сфаќате дека задачата на нашите дипломати и мисијата на Стејт департментот е да им служат на интересите на САД” во име на безбедноста и благодетта на земјата и народот, изјави Трамп, обраќајќи се кон Тилерсон.

Претседателот изрази увереност дека новиот државен секретар ќе ја осознае неопходноста „да ги заврсти постојните сојузи и да создава нови” во име на стратегичките интереси и земјата и безбедноста на Американците.

„Вие наследувате огромни предизвици на Блискиот исток и низ цел свет, но јас навистина верувам дека можеме да постигнеме мир и стабилност во овие немирни времиња”, изјави Трамп.

Во својот одговор Тилерсон му заблагодари на претседателот за укажаната доверба, на своите колеги за помошта во неговото подготвување за работата на новата должност и на „огромното мнозинство” од познати и непознати негови доброчинители.

Тилерсон изјави дека добрите желби и молитвите на овие луѓе ќе го потсетат дека служејќи му на претседателот тој им служи и на нивните интереси и секогаш ќе ги претставува интересите на целиот американски народ.