Домашниот бруто-производ на земјава расте и во третиот квартал од годинава. Според официјалните податоци од Еуростат, само една земја членка на ЕУ во третиот квартал забележала повисок раст на БДП од македонскиот.

 

Релевантен извор: Еуростат http://ec.europa.eu/eurostat/documents/3217494/6294721/KS-BJ-14-%20012-EN-N.pdf/8a0becfe-9bba-4f69-91b6-5ab9919523d1

Единствено Велика Британија од сите земји членки на ЕУ, чиј БДП во третиот квартал од годинава пораснал за 4,3 отсто статистички е подобра од Македонија чија економија забележа раст од 4,1 отсто.

Македонскиот државен завод за статистика деновиве објави дека домашната економија во третиот квартал пораснала за 4,1 отсто, а стапката на невработеност во истиот период се намалила на 27,9 отсто и бележи намалување во однос на претходниот квартал за 0,3 отсто, а во однос на третиот квартал лани за 0,8 отсто.

Официјалните податоци покажуваат дека сите останати 26 земји членки на ЕУ во третиот квартал забележален помал раст на БДП од македонскиот. Па така, Полска е трета на листата со раст од 3,4 отсто, потоа следат Романија, Словенија и Унгарија со раст од 3,2 отсто, Литванија и Чешка со 2,7 отсто, Латвија и Словачка со 2,4 отсто итн.

Од земјите од регионот кои се членки на ЕУ, сите имаат далеку помал раст на економија во третиот квартал споредено со Македонија. Бугарската и грчката економија забележале раст од 1,9 отсто, наспроти македонската од 4,1 отсто.

Македонскиот ДЗС соопшти дека во третото тримесечје од 2014 најголем пораст на БДП е забележан во секторите преработувачка индустрија од 16,6 отсто и уметност, забава и рекреација; други услужни дејности; дејности на домаќинствата како работодавци; дејности на домаќинствата што произведуваат разновидна стока и вршат разни услуги за сопствени потреби од 11,6 отсто. Потоа кај стручни, научни и технички дејности; административни и помошни услужни дејности од 8,2 отсто и финансиски дејности и дејности на осигурување од 7,5 отсто.

Во првиот квартал растот изнесуваше 3,5%, во вториот 4,3%. Со податокот за раст на БДП од 4,1% во периодот од јули до септември се потврдуваат очекувањата на експертите дека владината прогноза за раст на економијата од 3,5% во оваа година ќе биде надмината.

Европската комисија неодамна објави дека Македонија оваа година ќе има втор најголем раст на бруто-домашниот производ (БДП) во цела Европа, единствено Ирска ќе има поголем раст на економијата во 2014 година. Ова го потврди и ММФ при последната посета. Нивната прекција е 3.5%, а на Владата 3.5% до 3.8%.