Според прогнозите на француските служби, нивото на реката Сена викендов ќе кулминира, поради што француските власти се во готовност од страв од многу сериозни поплави. Ситуацијата е сериозна во многу француски департмани, а метеоролошката служба утрото во 13 департмани го задржа портокаловото ниво на опасност од поплави, од вкупно четири нивоа, објави весникот „Паризиен“.

Службата соопшти дека водостојот на Сена утрото изнесувал 5,7 метри, додека вчера во истото време бил 5,59 метри, а утре се очекува да биде меѓу 5,8 и 6 метри. Зголемувањето на водостојот на реката Сена ќе продолжи до почетокот на другата недела, се наведува во соопштението.

Според најавите, водостојот би можел да достигне висина каква што беше забележана последниот пат во 2016 година. Сена веќе го прекри шеталиштето покрај реката во Париз, а поради поплавите во музејот Лувр е затворена изложбата на исламска уметност, која беше поставена на приземјето.

Не пловат познатите туристички бродови на Сена, а лебедите пловат на местата каде некогаш беа тротоари. Поплавата донесе и глувци на париските улици.
Поплавата во француската престолнина во 1910 година нанесе голема штета, кога нивото на речата Сена достигна дури 8,65 метри.

извор: Makfax