На пазарот на хартии од вредност се случува вистинска распродажба на македонските успешни компании. Ова го тврдат некои берзански играчи и брокери, но и финансиски експерти кои “вината” за ваквите необјасниви турбуленции ја бараат во Владата. По интервентното донесување (во скратена постапка) на даночните закони, со кои Владата воведе оданочување на капиталната добивка од трансакции со акции на Берзата и двојно оданочување на дивидендата, на македонскиот пазар на капитал за две недели се случија дијаметрално спротивни шокови. Првиот коментар на експертите на ваквиот владин потег беше дека Владата со еден потег ја уништува Берзата. За рекордно краток рок ќе се испумпаат огромни пари и капитал од земјата, предупредуваат експертите. Во првата недела, по најавата за воведување на даноците за капитални добивки од 1 јануари идната година (оние кои имаат акции и кои остваруваат заработка со тргување со нив) се случи нагла понуда на акциите, што, пак, резултираше со драстичен пад на акциите на 10-те најуспешни компании кои котираат на Берзата. Најниско ниво за последните три месеци. На ваквиот екстремен шок први реагираа тие што имаа пари, а тоа се странски инвеститорски фондови. Тие за багателни суми купија квалитетни акции од македонски профитабилни компании. Ова се случува, велат “играчите” на Берза, кога нема домашна побарувачка на акции, односно кога се нема пари од домашни инвеститори. И наместо државата да се стрпеше со фискалните мерки за само неколку месеци или година, додека профункционираа домашните инвестициски фондови, таа не антиципираше вакви случувања, туку предизвика турбуленции.
Можно е, велат брокерите, веќе идната недела, што почна веќе да се случува неделава, евтино купените акции за 2-3.000 денари екстремно, двојно па и тројно да скокнат, и успаничените домашни компании да мора да платат трикратно поскапо доколку сакаат да си “ги спасат” фирмите, а од земјата во странски џебови да се прелеат “дебели” пари. Шпекулациите одат дотаму што некои брокери тврдат дека може да е и “внатрешна игра”, односно премолчен договор да се соборат цените на акциите на добрите компании, (како некој “дил” со директорите) акциите да се обзвреднат, а тие “однадвор” да ги купат, и да се “затвори” внатрешното сопственичко преструктурирање.
Како и да е, тие што имаат пари, велат инвеститорите, се подготвени да платат и двоен данок на капитална добивка, само да остварат екстремни профити, а згора на тоа ако најчести купувачи се словенечки фондови (со нив има договор за избегнување на двојно оданочување) ќе се спасат и од даноците и ќе инкасираат големи пари од купопродажба на домашниот капитал.


Виолета ЦВЕТКОВСКА