Изготвиме проект, обезбедивме средства и започнуваме постапка за изградба на браната Отиња во Штип, истакна министерот за трнспорт и врски Благој Бочварски при денешната работна посета на општина Штип.

Тој најави дека денеска министерството за транспорт и врски го рапиша јавниот повик за изградба на брана Отиња. Вредноста на инвестиција е 7,5 милиони евра.

„ Со гордост сакам да го најавам почетокот на еден исклучително значаен проект за Штип и Штипјани, а тоа е изградбата на браната на река Отиња. Пред неполни 3 години не затеков никаква документација. Готов проект немаше во Општината. Влегов со огромен ентузијазам за реализација на овој капитален проект. Многу луѓе ме одвраќаа од намерата, не веруваа дека е возможно, ме предупредуваа на внимателен пристап затоа што многу децении ова останало само ветување. Но знаев дека ако работиме посветено резултатите ќе дојдат. Денеска министерството за транспорт и врски ја распиша постапката за избор на фирма за најповолен изведувач за изградбата на браната Отиња,” изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски

Со проектот се предвидува изградба на брана во висина од 34 метри во непосредна близина на Штип. Средствата за изградба се обезбедени од буџетот на Министерството за транспорт и врски, а рокот за изградба е предвиден на 30 календарски месеци.

„ Браната пред се ќе биде наменета технолошка вода за потребите во градот, заштита од поплави, во втора фаза и производство на електрична енергија. Тоа ќе биде место и за рекреација на штипјани, но и други граѓани од државата. Ќе биде можност за иден развој на градот во наредните години и децении”, истакна министерот Бочварски.

За Штип ова е најзначајниот инфраструктурен проект, истакна заменик градоначалникот Јане Миланов. Тој потенцираше дека Штипјани конечно го добиваат ветувањето старо четириесетина години.

„ Тешко е да се каже нешто за оваа брана што веќе не е кажано. Но денес јавноста е сведок дека преминуваме од зборови на дела. Беа потребни тони хартија за да се изработи проект, да се обезбедат и добијат сите потребни дозволи, документи, проценки, за конечно да го направиме овој значаен чекор, распишување на јавна набавка за избор на најповолен изведувач на овој капитален објект”, изјави Јане Миланов заменик градоначалник на општина Штип.

Посетата на општина Штип, министерот Бочварски ја искористи да направи увид и во асфалтирање на инфраструктура во спортско рекреативниот центар Брегалница.

извор: Makfax