Распеана елка, трка на дедомразовци, волшебен парк и забава со музика од домашната естрада, весело ќе биде во центарот на градот за дочекот на Новата 2015 година. Прославата Град Скопје ќе ја организира на плоштадот “Пела”. Бината ќе се постави кај Порта Македонија и ќе биде свртена кон улицата пред Собранието.

Граѓаните што ќе се одлучат дочекот да го прославата на плоштадот ќе се забавуваат на песните на Дани, Маја Панчева, Ерик и Симона, Есма, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Мустафа Имери, Даниел Кајмаковски и Куку леле, а во Новата 2015 година ќе влеземе со песните на Елена Ристеска. Градот во пресрет на празниците ќе биде украсен со декоративни елементи и специјално осветлување.

– И оваа година Град Скопје, во соработка со Македонски Телеком и Т-Мобиле, ќе ја организира новогодишната забава за дочек на Новата 2015-та. Се надевам дека плоштадот “Пела” ќе биде место каде што граѓаните ќе се забавуваат и ќе уживаат, рече на вчерашната прес-конференција градоначалникот Коце Трајановски.

Тој ги повика сите граѓани да дојдат и таму да ја прослават Новата 2015 година, а истакна дека за прв пат ќе се организира и новогодишен волшебен парк.

– Годинава во центарот на градот ќе се организира првиот новогодишен волшебен парк со поставување специјално новогодишно осветлување и украсување со декоративни елементи и украси, кој ќе има повеќе содржини: новогодишен маркет, детско волшебно катче, распеана елка, новогодишни работилници со млади дизајнери, организирана забавна програма. За прв пат годинава ќе се организира и дедомразовска трка, истакна градоначалникот Трајановски.

Главниот извршен директор на Т-Мобиле Македонија, Жарко Луковски очекува граѓаните да уживаат во одличната забава со познати музички рефрени.

Директорката на Универзална сала, Вера Бошковска ги повика граѓаните да дојдат и да се забавуваат во новогодишниот волшебен парк во паркот „Жена-борец”, што од 25 до 30 декември ќе биде отворен за посетители од 11 до 21 часот, а забавните програми ќе се одвиваат од 16:30 до 20 часот.

Оваа година новогодишниот маркет ќе им овозможи на граѓаните на Скопје на 11 дрвени куќички, кои ќе бидат новогодишно украсени, да купат или да пробаат печени колачи, вина, рачно подготвена чоколада, германски колбас, топли костени, како и на пет куќарки рачно изработени новогодишни украси. (С.Тр.)

500 костими за дедомразовската трка

Распеаната елка е специјално изработена конструкција/платформа во форма на елка, новогодишно декорирана на која ќе настапуваат хорови кои ќе изведуваат различен стил музика, односно новогодишни нумери, филмска музика, како и детска музика која ќе ја изведуваат детски хорови, а учесниците на новогодишните работилници со млади дизајнери ќе го украсуваат паркот со цртање и декорирање на џиновски лампиони.
Дедомразовската трка, за која има подготвено 500 костими, ќе се одржи на 28 декември во 12 часот, со старт од плоштад “Филип Втори”, а целта ќе биде пред Собранието на РМ.