Албанскиот премиер Еди Рама изјавил дека нема можности Белград и Приштина да влезат во војна и се запрашал за која војна зборува претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Тој тоа го рекол по повод изјавата на претседателот на Србија Александар Вучиќ за опасностите кои носат замрзнати конфликти, пренесува приштинскиот Зери.

“За која војна зборува? Која војна провоцира Вучиќ? Србија ја загуби војната. Косово е независна и демократска држава. Да, Косово направило многу грешки во дипломатските односи, но нема шанса за такво нешто, тие изјави се безвредни“, рекол Рама на албански Топ канал.

Запрашан зошто бил во лоши односи со Исо Мустафа, Албин Курти и Рамуш Харадинај, Рама рекол дека со Мустафа имал ладни односи, со другите двајца лоши поради, како што рекол за сите погрешни потези кои имале во дипломатијата.

“Тоа јавно го кажав. Косово е мој прв приоритет во надворешните односи“, рекол Рама.